ОСНОВАЧОТ НА „АМАЗОН“ ЈА ПРЕДВОДИ ЛИСТАТА НА МИЛИЈАРДЕРИ НА „ФОРБС“, ТРАМП ПАДНА ЗА 222 МЕСТА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Американскиот претседател Доналд Трамп падна за 222 места на годишната листа на милијардери, што ја објавува магазинот „Форбс“.

Неговото богатство се намали од 3,5 на 3,1 милијарда долари и магазинот појасни дека ова се должи на падот на вредноста на неговиот имот во централен Њујорк, како и на намалени приходи од неговите голф терени. Трамп сега се наоѓа на 766. место.

Листата ја предводи основачот и сопственик на онлајн гигантот „Амазон“, Џеф Безос, чие за една година богатство порасна од 39,2 на 112 милијарди долари, што е најголем забележан раст досега.

На второто место се наоѓа Бил Гејтс со 90 милијарди долари. Тој беше на врвот во 18 од последните 24 години.

Рекордна бројка од 2.208 милијардери се најде на 32. издание на листата и тие вкупно вредат 9,1 трилион долари.

Најбогата личност во Европа е Бернар Арно, кој е вкупно четврти на листата со 72 милијарди долари, зад Ворен Бафет (84).

Најмногу милијардери има во САД – 585, од кои само во Калифорнија се 144, па следува Кина со 373.