Научниците ја решија мистеријата зошто големото мнозинство од фосилите на мамути се машки.
Многу слично на дивите слонови денес, младите машки мамути во леденото доба, најверојатно, оделе сами и многу често запаѓале во ризични ситуации, кога биле повлекувани во реките, пропаѓале во мразот или во дупки, кои ги зачувале нивните коски со илјадници години, велат научниците.
Женките, од друга страна, патувале во групи, водени од постара женка, која добро го познавала теренот и членовите на стадото ги водела подалеку од опасностите.
„Без позитивните ефекти од живеење во стадо, водени од искусна женка, машките мамути биле под повисок ризик да умрат во природни стапици, како што се дупки, пукнатини и езера“, напиша Лове Дален од шведскиот Музеј за историја на природата, во извештајот објавен во магазинот „Тековна биологија“.
Студијата користи генетски податоци за да го одреди полот на 98 фосили од волнени мамути, пронајдени во Сибир. Истражувачите утврдиле дека 69 отсто од примероците биле машки, што е невообичаена полова разлика.
Овие гигантски тревопасни животни исчезнале пред околу 4.000 години, како што се затоплувала климата и поради тоа што масовно биле ловени од луѓето.