ПИЈАН СЛАВЕЈ, ФРОНТМЕНОТ НА „ФОЛТИН“ БРАНИСЛАВ НИКОЛОВ, ЈА ПРОМОВИРА НОВАТА КНИГА ПОЕЗИЈА „ЈАЗИК ЗА ДВАЈЦА“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)
Новата поетска книга од Пијан Славеј, „Јазик за двајца“, ќе биде промовирана денес (14 септември) во 20 часот во „Цреша бар“ во Скопје, по што ќе има музички дел.  Пијан Славеј е алтер-егото на фронтменот на „Фолтин“, Бранислав Николов.
„Пијан Славеј е поет што пишува песни што се пеат и онакви што плачат да бидат испеани. И без разлика дали ќе бидат преведени на јазикот на музиката или ќе останат само на хартија, тоа се песни жив копнеж и страст, љубовна сила што раѓа и убива светови, мерак што не згаснува, ‒ севда(х) што се храни од плотта, занес што сам себе си нарачува стрелачки вод“, пишува во рецензијата Александра Јуруковска.
Пијан Славеј објавил четири поетски книшки: „Креветизам и хоризонтала“ 2018, „Срчки“ 2020, „Полиграф“ 2022 и „Јазик за двајца“ 2024, сите во издание на „Прозарт медиа“.