ПИСАТЕЛИ ОД ЗЕМЈАВА, СРБИЈА И БИХ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ НА 8. ФЕСТИВАЛ „ПРО-ЗА БАЛКАН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Врвни автори од регионот, како и македонски автори ќе бидат гости на 8. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, што ќе се одржи од 14 до 17 септември на повеќе локации во Скопје.

Босанскиот писател Мухарем Баздуљ ќе настапи на првата вечер, а се очекуваат и Углеша Шајтинац (Србија) – добитник на Европската награда за литература, Маја Солар, авторка која се бави со феминистички и филозофски теми и младата книжевна ѕвезда во регионот, Магдалена Блажевиќ (БиХ). Македонската книжевна сцена ќе ја претставуваат две писателки, Калина Малеска и Елизабета Баковска. Поради пандемијата, некои од авторите ќе учествуваат од далечина.

„Анте Томиќ и Миљенко Јерговиќ подготвија получасовно видео кое ќе биде уживање за сите книгољупци, додека Дамир Каракаш подготви луцидно и креативно излагање за неговите книги и за светот во кој што моментално живееме“, најавува организаторот.

Годинашен лауреат на наградата „Прозарт“ за авторски придонес во балканската книжевност е Исмаил Кадаре, кој ја прими пролетоска во Франција. Фестивалот ќе се одвива на три локации: Куршумли ан, Европска куќа и Кинотека.