„ПЛАКАТОТ ВО НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА“ – ИЗЛОЖБА ВО МАЛА СТАНИЦА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Плакатот во Националната галерија на Македонија“ е насловена изложбата која ќе се отвори вечерва во 20 часот во НГМ-Мала станица.

Националната галерија, која годинава слави 70 години постоење, за првпат ги изложува плакатите кои биле дизајнирани за сите изложби низ повеќе децении, односно опфаќаат период од петтата деценија на минатиот век, па до денес.

Најстариот изложен плакат е од 1955 година од изложбата на светски познатиот уметник Хенри Мур, одржана во Даут пашин амам.

„Преку оваа изложба на плакатот се потсетуваме на низа ретроспективни претставувања на уметниците од основоположничката генерација, Личеноски, Мартиноски, Пандилов, Лазески, Тодоровски, самостојни изложби на професорите од Факултетот за ликовна уметност, Мазев, Шемов, Хаџи Бошков.
Значајни за Националната галерија се претставувањата на престижното Венециско Биенале на уметноста, каде сме изложувале повеќе пати, изработени се плакати кои можат да се погледнат на оваа изложба, потоа соработката со сродни институции од странство и со нашите центри во САД, Бугарија, како и со градот Нирнберг“, велат од НГМ.

Изложбата ја организираше вишиот кустос Маја Крстевска.