ПО 15 ГОДИНИ СВИРАМ КОНТРАБАС ЗА ЌЕРКИТЕ, ВНУЦИТЕ И ЗА СТУДЕНТИТЕ, СЕ РАСПЛАКА ПРОФЕСОРОТ ВЕЛКО ТОДЕВСКИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА ЗА НЕГО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичарот и професор по контрабас Велко Тодевски засвире по 15 години со своите студенти во Музејот на македонската борба, на промоцијата на книгата „Велко Тодевски: уметност и педагогија на контрабас“, која ја напиша неговата студентка Нора Бајрами.

Тодевски емотивно го доживеа враќањето на неговиот инструмент по долго време. Се расплака за време на говорот, а се расплака и неговата ќерка, поп пејачката Тамара Тодевска, која дојде со децата на промоцијата. Постарата ќерка на Тодевски, Тијана Дапчевиќ, која живее во Белград, не дојде на промоцијата, но ја следеше преку видеоповик.

Велко Тодевски со ќерката Тамара Тодевска, нејзиниот партнер Лука Радовиќ, внуците Хана и Дарен и со неговата сопруга Мира (Фото: К. Попов)

„Петнаест години не сум свирел контрабас, имам голема трема. Особено се радувам што ќе свирам со моите студенти, а вежбавме само два дена. Денеска ќе свирам за моите ќерки, внуците, моето семејство, за моите студенти, пријатели и колеги“, ни изјави истакнатиот професор, кој завршил Музичка академија во Сараево и бил член на тамошниот РТВ симфониски оркестар.

Работел како солист во Оперскиот оркестар на МНТ, бил соработник во Филхармонијата и предавал на Факултетот за музичка уметност и во средното музичко училиште во Скопје. Тој е основач на камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“.

„Кога Нора Бајрами ми рече дека сака нејзината дипломска работа да биде за мојата работа и мојот живот, ми дојде како мелем на душата. Особено сум радосен што дипломската на Нора ќе остане како трајно сеќавање во оваа книга“, кажа Тодевски.

„Во книгата е опфатен животот на професорот Тодевски, а соговорници беа неговите студенти, пријатели и неговите ќерки Тамара и Тијана. Тие се трета генерација во ова музичко семејство“, кажа промоторката на книгата, професорката Викторија Коларовска-Гмирја.

Таткото на Велко Тодевски, Спасе, бил играорец во НУ „Танец“.

Професорката Трена Јордановска рече дека со радост прифатила да биде рецензентка на монографијата.

„Му благодарам на професорот што ја прифати мојата идеја да пишувам за него, благодарам на сите мои соговорници, моето семејство што ме поддржа во првата книга и на неговите студенти“, рече музикологот Нора Бајрами.

Поп пејачката Тамара Тодевска ни рече дека овој ден е посебен за неа, зашто по многу долго време го слушала татко ѝ како свири.

„Ме врати во детството“, ни изјави Тодевска.

Велко Тодевски со авторката на монографијата Нора Бајрами (Фото: К. Попов)

На промоцијата дојде и студент на Тодевски од Дубровник, кој рече дека благодарение на него, тој решил да студира во Скопје, место во Хрватска и го опиша како голем човек.

На крајот, Велко Тодевски со радост засвире со своите студенти Александар Поп-Христов, Игор Миташев, Кристијан Кожумановски и Атанас Пујовски. Ансамблот контрабаси доби силен аплауз. Пред нив, свиреше уште еден студент на Тодевски, Александар Котевски на виолончело, во пијано придужба на Марија Ѓошевска. Професорката Ѓошевска ја пофали авторката на книгата Нора Бајрами како една од најдобрите студентки и рече дека секогаш ја викале „девојчето со книгата“ зашто во слободното време меѓу предавањата секогаш читала.

Промоцијата се одржа во рамките на манифестацијата „Есенски музички свечености“.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. ПОПОВ