ПО ИЗЛОЖБАТА ВО ВЕЛЕС, УМЕТНИКОТ ЈОРДАН ЃОРЧЕВ ПОДАРИ СВОИ ДЕЛА НА ВЕЛЕШКИ БОЛНИЦИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Дел од делата кои беа изложени на изложбата „Храбриот нов свет“ во Ликовниот салон во Велес уметникот Јордан Ѓорчев ги подари на две здравствени установи од Велес. Поводот за ваквиот чин е што и жителите на неговото родно Свети Николе ги користат услугите на Општата болница Велес и Специјалната болница за белодробни заболувања во Јасеново.

„Мотивот за подарување дела на овие две јавни здравствени установи е бидејќи тие не се локални, нивните услуги ги користат и моите сограѓани од Свети Николе, вклучувајќи ме и мене. Тие ќе бидат поставени во просториите на болниците и ќе ја разубават средината“, кажа Ѓорчев.

Двете институции добија по шест дела, кои директорите сами ги одбраа. Донираните дела се акрил на платно, создадени минатата година и спаѓаат во апстрактен експресионизам.

П. ПЕЧКОВ