ПОЧНУВА ИЗГРАДБАТА НА НАЈГОЛЕМИОТ ТЕЛЕСКОП НА СВЕТОТ КОЈ ТРЕБА ДА ГИ ОТКРИЕ СИТЕ ТАЈНИ НА ВСЕЛЕНАТА

Лондон, (Би-Би-Си)

Еден од најголемите научни проекти во 21. век доби зелено светло. На првиот состанок на советот на Square Kilometre Array Observatory (СКА) беа одобрени плановите кои ќе водат кон составување на најголемиот телескоп на Земјата во текот на оваа деценија.

СКА ќе претставува огромна формација на радио-приемници, кои ќе бидат сместени низ Јужна Африка и Австралија. Нивните резолуција и чувствителност, помогнати од напредна компјутерска технологија, ќе им овозможат на астронаутите да решат некои од најсуштинските прашања во астрофизиката денес.

Како се појавија првите ѕвезди во универзумот? Што е темна енергија? Дали сме сами?… Досега невидена чувствителност на СКА ќе може да собере вонземски трансмисии и да детектира многу слаби радиосигнали од космички извори оддалечени милијарди светлосни години од Земјата.

Меѓународниот договор врз кој се заснова новата опсерваторија стапи на сила минатиот месец, со што конечно можат да се направат први чекори од проектот што се осмислува повеќе од 30 години.

„Мислам дека првиот состанок на советот може да се смета за раѓање на опсерваторијата. Сега конечно можеме да почнеме со работа“, изјави Фил Дајмонд, првиот генерален директор на СКАО.

Следниот клучен чекор ќе биде изградбата на телескопот, при што се очекува првите тендери да се распишат во јули. Изградбата би требала да трае цела деценија и да чини околу 2,4 милијарди долари. Опсерваторијата ќе биде сместена на зафрлени, ненаселени локации во јужноафриканската покраина Северен Кејп и Марчисон во Западна Австралија.

„И после изградбата, ќе поминат четири-пет години пред да почнеме да се играме со антените“, вели Дајмонд“.