Грета Тунберг им кажа на младите демонстранти дека политичарите кои учествуваат на самитот за климата ЦОП26 во Глазгов само се преправаат дека се грижат за нашата иднина. Доаѓањето на светските лидери во Глазгов предизвика низа протести низ градот, а Тунберг им се обрати на активистите од движењето „Петоци за иднината“.
„Промените нема да дојдат од политичарите на самитот, туку од поединците кои покажуваат лидерство. Овој ЦОП26 не е ништо поразличен од претходните вакви самити, кои ништо не решија. ЦОП се само политичари и луѓе со моќ кои само се преправаат дека сериозно ја сфаќаат нашата иднина и дека сериозно ја сфаќаат сегашноста на луѓето кои веќе се погодени од климатската криза. Промената нема да дојде оттаму“, кажа младата шведска активистка.
Повикувајќи на климатска правда, таа кажа дека е доста од празни зборови.
„Смачено ни е од нив. Ќе направиме промена без разлика дали тоа им се допаѓа или не“, рече Тунберг.
Се очекува Тунберг да го предводи големиот марш за климата во Глазгов на 5 ноември, на кој се очекуваат 100.000 луѓе.
Дејвид Атенборо вчера им порача на делегатите на ЦОП26 да ја претворат трагедијата во триумф, зашто човештвото веќе е во неволја.