ПОСЛЕДНО ЦЕЛОСНО ПОМРАЧУВАЊЕ ДО 2021 – СВЕТОТ ВО ОЧЕКУВАЊЕ НА СУПЕРКРВАВА ВОЛЧЈА МЕСЕЧИНА

Кејп Канаверал, (АП)

Целосно помрачување на Месечината в недела на 20 јануари ќе се совпадне со супермесечина, за да се добие феномен наречен суперкрвава волчја месечина, но, за жал, Македонија нема да биде во можност да ужива во него во целост. Тоа ќе биде и последното целосно помрачување до 2021 година.

Бидејќи Месечината ќе биде невообичаено блиску до Земјата, таа ќе се чини поголема и посветла од обично, станувајќи супермесечина.

„Ова ќе биде особено добро. Не само што ќе имаме целосно помрачување и супермесечина, туку и ќе трае доста долго, околу еден час“, вели астрофизичарот Патрик Хартиган.

Ако небото биде чисто, целосното помрачување ќе биде видливо во Северна и Јужна Америка, Гренланд, Исланд, Ирска, Велика Британија, Норвешка, Шведска, Португалија и на брегот на Франција и Шпанија, додека во останатиот дел од Европа и во Африка ќе биде делумно видливо при заоѓањето на Месечината.

При целосното помрачување, Месечината ќе има црвена боја, поради што го добива името крвава месечина. А, бидејќи полната месечина во јануари се вика и волчја месечина, полното име на феноменот ќе биде суперкрвава волчја месечина.