Во Струмичкиот театар „Антон Панов“ вечерва (16 декември) во 20 часот премиерно ќе се изведе претставата „Стилист“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов.
„Водвиљот е една од најпопуларните театарски форми кај публиката. А еден од големите мајстори на таа форма е токму Жорж Фејдо, чии дела не се симнуваат од театарските сцени. Нашата претстава го пренесува дејствието на познатата комедија ‘Кројач за дами’ во наше време, денес, со нов наслов ‘Стилист’, а ликовите на Фејдо стануваат познати и препознатливи лица од нашата современост. Обидот за брачна изневера произведува низа неверојатни, комични, урнебесни ситуации кои наликуваат на каламбур“, велат од Струмички театар.
Играат: Стојан Велков-Трн, Танкица Стојанова, Игор Тодоров, Коста Ангов, Оливера Аризанова, Јулија Милкова, Васил Михаил, Ангелина Тренчева-Ангелова и Анкица Бенинова.
Сценографијата е на Илина Ангеловска, а костимите на Ванчо Василев.