Вечерва во 20 часот, во Драмски театар премиерно ќе се изведе претставата „Крал Иби“ од Алфред Жари, во режија на Васил Христов.
Режисерот за текстот напишан пред 122 години вели дека се третира како првата модерна авангардна драма во театарската продукција и е еден од првите три стилизирани бурлески, каде Жари ги исмева и покажува аномалиите на модерното време.
Основата на „Крал Иби“ е „Магбет“ од Шекспир, а во претставата се користени делови и од „Хамлет“, „Крал Лир“ и „Ричард Трети“.
„‘Крал Иби’ не е претстава која нуди забава, туку е за публика која сака да види нешто ново и поинакво и предизвикува естетско задоволство“, вели Христов.
Главниот лик го игра Игор Ангелов, а во екипата се и Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Софија Куновска, Предраг Павловски, Јана Стојановска, Долорес Поповиќ, Катерина Шехтанска-Лаковски, Маја Вељковиќ-Пановска, Емилија Мицевска, Тамара Ристовска и Игор Георгиев.
Сценографијата е на Тодор Даевски и на Христов, а костимите на Розе Трајчевска-Ристовска.