Денеска во 14 часот, во новата галерија „Арт хаб“ во Скопје ќе се отвори изложбата „Претседателите на Друштвото на ликовни уметници на Македонија“. Ќе се изложат 20 дела од 30-темина досегашни претседатели на Друштвото во неговата 75-годишна историја. Галеријата се наоѓа на вториот спрат на Градски трговски центар (ГТЦ), во близина на паркот на покривот.
Претседателот на ДЛУМ Филип Фидановски вели дека изложбата симболично се отвора на 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
„На градот му требаат урбани простори, уметнички галерии, му требаат културни настани, кои, за жал, сѐ помалку ги има“, вели тој.
Во галеријата ќе бидат изложени дела на Никола Мартиноски, Борко Лазески, Драгутин Аврамовски-Гуте, Вангел Коџоман, Миле Корубин, Коле Манев, Глигор Чемерски, Мирослав Масин, Петар Хаџи-Бошков, Нове Франговски, Томе Серафимовски, Боро Митриќески, Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, Љубомир Белогаски, Петар Мазев, Константин Танчев-Динка, Сергеј Дамовски, Христијан Санев, Филип Фидановски и Тања Балаќ.