ПРОФЕСОРОТ ВАСИЛКОВСКИ ОД БОСТОНСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ДОНИРАШЕ ВРЕДНИ КНИГИ НА ВЕЛЕШКАТА БИБЛИОТЕКА

Велес, (СМАРТ.СДКК.МК)

Професорот од Бостонскиот универзитет по вештачка интелигенција, Златко Василковски, одржа две предавања во Македонија, пред полни сали и предизвикаа голем интерес кај публиката. Првото беше во Скопје во Скопското астрономско друштво, а второто пред учениците од велешката Гимназија „Кочо Рацин“ каде го завршил средното образование.

„На предавањето во Скопје дојдоа повеќе до 200 гости од сите профили, што беше над очекувањата. Прашањата беа интересни и не можев сите да ги одговорам, немавме толку време. Бев пријатно изненаден. Прашањата беа од областа на вселената, космосот кои се секогаш интригантни. Слично поминав и во Велес со учениците од Гимназијата, кои ме изненадија со своите предзнаења. Наместо еден саат, одговарав на нивните дилеми повеќе од два часа“ , кажа Василковски.

Василковски на предавањето во Велес. (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Претходно тој на Велешката библиотека ѝ подари книги од областа на физиката и математиката. Нив ги купил кога работел на МИТ Универзитетот од Бостон. После смртта на професорите, семејството ги предава книгите на Универзитетот, кој пак ги продава, оти имале огромен фонд на книги. Книгите кои ги подари се од почетокот на 20. век, една е и од крајот на 19. век. Со него книги донираше и Виктор Урумов, пензиониран професор по физика на ПМФ во Скопје.  Василковски е автор на книгата „Мултиверзум за почетници“, издание на „Арс либрис“, прво дело за космологијата и астрономијата на македонски јазик. Тој подготвува нова книга за квантната механика и вештачката интелигенција.
П. ПЕЧКОВ