Во Кинотека на Македонија, денеска во 12 часот ќе биде промовирано дигитално реставрираното творештво на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо (1931- 2008).
Проектот ги опфаќа играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“.
Настанот го организираат Управата за заштита на културното наследство и Кинотека на Македонија, матична институција за заштита на аудиовизуелното културно наследство, со поддршка од Министерството за култура.
Станува збор за настан кој е дел од годишната програма на УЗКН за одбележување на Европската година на културното наследство, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.
Кинотеката на Македонија од 2011 година до денес дигитално реставрираше и дигитализираше 15 играни, четири документарни и два краткометражни играни филма, меѓу кои: опусот на браќата Манаки, документарниот филм „Македонија во слики, 1923“ на Арсениј Јовков, опусите на Столе Попов, Љубиша Георгиевски и на Милчо Манчевски, како и филмовите „Татко (Колнати сме, Ирина)“ на Коле Ангеловски, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски и „Жед“ на Димитрие Османли.