Новата книга за деца и млади „Се викам храброст“, која содржи 50 инспиративни приказни од животот на македонските хероини, ќе биде промовирана денеска (11 февруари) од 18 часот во „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје.
На настанот ќе присуствуваат дел од жените застапени во делото: Зорка Тодорова-Младеновиќ (костимографка и модна дизајнерка), Олга Муџева-Шкариќ (професорка), Бисера Чадловска (диригентка), Ема Ананиевска (пијанистка), Ива Матиќ (пилотка), Мартина Димоска (аналогна космонаутка) и Јасмина Атанасова-Симјановска (оџачарка), како и претставници на семејствата на починатите хероини.
Книгата, која е издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е посветена на 50 жени од нашето минато и од нашата сегашност.
„Од Сирма Војвода до Вера Ацева и Илина Арсова, ова дело зборува за жени кои со своите дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности кои го посветиле животот или, пак, го дале својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа. Книгата е наменета за помладата читателска публика и за сите оние кои бараат инспирација. Идејата за создавање вакво дело е да им се даде насока и мотивација на младите девојчиња да го пронајдат својот животен пат низ примери што ќе ги инспирираат“, стои во најавата на книгата.