ПРОМОЦИЈА НА ПЕТТИОТ РОМАН НА ФРОСИНА ПАРМАКОВСКА „СÈ УШТЕ МОЖАМ НЕШТО ДА СТОРАМ“ НА 8 ФЕВРУАРИ ВО КИЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новиот роман на Фросина Пармаковска, „Сѐ уште можам нешто да сторам“, во издание на „Или-или“, ќе биде промовиран утре (8 февруари) во Салон 19:19 во КИЦ во Скопје, со почеток во 19:19 часот. Во разговор со новинарот Васко Попетревски, писателката ќе раскаже за процесот на создавањето на нејзиниот петти роман, кој официјално беше објавен во декември.

„‘Сѐ уште можам нешто да сторам‘ е роман за денешнината, за реалноста која е таква каква што ја гледаме и ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење. Ова е роман за суштинската промена однатре, која настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со себеси и долги разговори во себе, роман за чудесното, соништата и за постојаното поместување на границата помеѓу реалното и чудесното“, се вели во најавата.

Пармаковска (1985) е авторка и на романите „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“ и „На враќање“.