ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ТРАМБОЛИНИ“ ИМ ОВОЗМОЖИ НА ДЕЦАТА ДА ЈА ПОТТИКНАТ СВОЈАТА КРЕАТИВНОСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поттикнувањето на креативноста и на креативните вештини кај децата беше основната цел на првиот интернационален фестивал „Трамболини“, во организација на детскиот културен центар „Карпош“. Преку работилници, децата имаа можност да научат нешто ново, да ја стимулираат својата фантазија и на забавен начин да совладаат нови техники на креативно изразување.

Во рамките на фестивалот имаше и едукативни танцови работилници

На едукативните танцови работилници децата стекнуваа одредено знаење за себеси и за својата позиција во општеството преку танц, а малите археолози се најдоа во улога на Индијана Џонс и преку работилница дознаа дека под површината на земјата лежи цел еден непознат свет.

Децата уживаа во несекојдневните демонстрации на хемиски реакции што ги изведе едукатор, а потоа и самите навлегоа во светот на експериментирањето, па направија сопствени вулкани, сапун и слоновска паста. На работилниците за личен развој младите имаа можност да ги подобрат личните перформанси и потенцијали, подигнувајќи си го нивото на свесност.