РАБОТЕЊЕТО ОД ДОМА СЕ ПОКАЖУВА КАКО ЕДНА ОД ПРИДОБИВКИТЕ НА КРИЗАТА СО КОВИД-19

Њујорк, (Би-Би-Си)

„Фејсбук“ и новозеландската премиерка Џесинда Ардерн се последните поддржувачи на идејата за флексибилно работење, додека работните канцеларии постепено повторно се отвораат по периодот на затвореност поради коронавирусот.

Ардерн предложи работна недела од четири дена со цел да се поддржи домашниот туризам, додека Марк Закерберг кажа дека очекува половина од неговата работна сила да работи од далечина во наредните пет до десет години. Ова следува откако други технолошки компании од Силициумската Долина најавија дека нивните вработени можат да работат од дома засекогаш ако сакаат.

„Доста луѓе предлагаат дека би требало да работиме четири дена неделно. На крајот, тоа го договараат работниците и работодавачите, но научивме многу работи од оваа пандемија, а една од нив е флексибилноста на работењето од дома“, изјави Ардерн.

Минатата година, „Мајкрософт“ тестираше работна недела од четири дена во Јапонија и тоа успешно се одразило врз продуктивноста.

„Работење од дома и пократка работна недела ќе дадат подобар баланс во животот на некои луѓе, како студенти, нови мајки и оние кои сакаат да поминуваат повеќе време со своите деца или се грижат за постари членови на семејството. После КОВИД-19 можеме да очекуваме многу компании да затворат дел од своите канцеларии и да им дозволат на вработените да работат од дома“, вели аналитичарката Алин Абрахам.

„Мајкрософт“ и „Амазон“ им понудија опција на дел од своите вработени да работат од дома до октомври, а „Фејсбук“, „Гугл“ и „Спотифај“ до крајот на годината. „Мастеркард“ кажа дека мнозинството негови вработени можат да работат од дома „до кога сакаат“, а најдалеку отиде газдата на „Твитер“, Џек Дорси, нудејќи опција за доживотно работење од дома.

Едно ново истражување покажа дека 13 милиони Британци би сакале да продолжат да работат од дома и откако ќе заврши кризата со коронавирусот.