Рачната изработка на виолини е хоби со кое интензивно се занимава младиот поп и оперски пејач Вејчеслав Поповски. Има 23 години и годинава треба да дипломира на Факултетот за музичка уметност, во класата на Иван Наумовски.
Поповски е самоук во овој занает, а првата виолина ја направил кога имал 17 години. Музичарот, кој почна да пее на детскиот фестивал Златно славејче, материјалите за виолините ги набавува од местото Шипово во Босна и Херцеговина (Република Српска). Ги изработува од квалитетни дрва, јавор и смрека.
Во октомври минатата година, тој освои сребрен медал во Америка, на меѓународниот натпревар на Здружението на изработувачи на виолини од Аризона.
„Потекнувам од музичко семејство и дома имаме доста инструменти, како што се кларинетот на дедо ми, мандолина, хармониките на татко ми и тарабуки. Но, имаме и еден, за мене посебен инструмент, а тоа е виолина од мојот прадедо. Првиот инструмент на кој имав желба да свирам беше тапанот. Од многу мал почнав да свирам, да пеам и да одам на натпревари, но никој не веруваше дека толку бргу ќе напредувам во изучувањето на музиката и ќе добијам желба да оркестрирам музика, а уште помалку дека ќе изработувам инструменти. Виолината од прадедо ми секогаш будеше посебен интерест кај мене и секогаш се прашував како овој мал дрвен инструмент произведува толку магичен звук. Моја цел не беше да станам инструменталист и да свирам виолина, јас сепак се одредив да бидам пејач, но звукот на виолината допираше секогаш до мене на посебен начин и целосно ме маѓепсуваше. Знаев дека нема да останам рамнодушен и дека еден ден ќе изработам своја виолина“, ни изјави Поповски.
За себеси вели дека како уметник е многу посветен на тоа што го работи и сака предизвици.
„Долги години истражував, гледав многу видеа и читав литература, но за цело тоа време знаев и чувствував дека јас еден ден ќе направам виолина зашто човек се раѓа со одредена цел и потенцијал, а школувањето е само надградување на талентот што го имаш во себе“, кажа музичарот.
За реализација на секој талент, вели тој, треба да имаш и среќа, а тоа е да го сретнеш вистинскиот ментор кој ќе те препознае. За него, најголемата поддршка е семејството, а особено го поддржувал дедо му, чие име го носи.
„Мајсторот Светозар Богдановски од Велес го препозна потенцијалот кај мене и ми ги отвори вратите на својот дом, за да ми ги сподели малите тајни кои ми помогнаа во создавањето на виолините“, вели Поповски.
Цената на виолините, вели тој, зависи од купувачот и од видот на инструментот.
По завршувањето на средното музичко училиште во Скопје пред пет години, Поповски почна да студира соло пеење во Виена. Тогаш го запознал и прочуениот оперски пејач Пласидо Доминго во Виенската државна опера, по препорака на Аки Нуредини од Тетово, чиј ресторан „Соле“ во Виена го посетуваат светски познати уметници.
„За време на пандемијата одлучив да го прекинам моето школување во Виена и да продолжам на Факултетот за музичка уметност во Скопје“, вели Поповски.
Во 2017 и 2018, тој одржа два концерта со поп-песни во Скопје со негови аранжмани.
М. ЏАРОВСКА