РЕДОК ВИД НА КАМЕЛЕОН ЗАБЕЛЕЖАН НА МАДАГАСКАР ЗА ПРВПАТ ПО 100 ГОДИНИ

Минхен, (Гардијан)

Научниците повторно открија редок вид на камелеон кој за последен пат бил забележан на Мадагаскар пред 100 години.

Истражувачите од Мадагаскар и Германија кажаa дека откриле неколку примероци од Фелцков камелеон за време на експедиција во североисточниот дел на островот. Генетските анализи што ги направи Баварското зоолошко друштво покажаа дека овој вид е тесно поврзан со Лабордов камелеон.

Истражувачите веруваат дека двата вида живеат само за време на сезоната на дождови, односно се изведуваат од јајца, растат брзо, наоѓаат и се парат со партнер и потоа умираат во рок од само неколку месеци.

„Овие животни се како инсектите еднодневки меѓу ‘рбетниците“, вели Франк Глав, куратор за рептили и водоземци во Баварското зоолошко друштво.