Република Македонија од 12 февруари и официјално почна да се вика Република Северна Македонија. Ова го објави Владата, потврдувајќи дека на сила стапуваат четирите уставни амандмани и Уставниот закон за нивно спроведување, кои беа изгласани во Собранието пред точно еден месец.
- Новото име на државата беше утврдено со Договорот од Преспа, што беше потпишан на 17 јуни во селото Нивици. Освен името Република Северна Македонија, тој предвидува и зачувување на термините македонски јазик и македонски народ.
- Откако Договорот беше ратификуван во парламентите во Скопје и Атина, Македонија на 6 февруари го потпиша протоколот за пристапување кон НАТО, кој, за да стане полноправна членка, во наредниот период треба да биде усвоен во парламентите на 29-те земји членки. Прва која го направи тоа беше Грција.
- Првпат користејќи го новото име на државата, Владата вчера соопшти дека Република Македонија станува Република Северна Македонија, откако уставните измени беа објавени во Службен весник.
- Новите пасоши ќе почнат да се издаваат од крајот на годината, а, во меѓувреме, во пасошите ќе се става печат.
- Новите регистерски таблички ќе почнат да се издаваат во рок од четири месеци, а до тогаш, на нив ќе се става налепница со ознака NMK.
- Таблите со новото име на државата од денеска ќе почнат да се поставуваат на граничните премини.
- Банкнотите ќе се менуваат постепено и се очекува првите нови банкноти да бидат подготвени во почетокот на 2020.