Република Македонија од 12 февруари и официјално почна да се вика Република Северна Македонија. Ова го објави Владата, потврдувајќи дека на сила стапуваат четирите уставни амандмани и Уставниот закон за нивно спроведување, кои беа изгласани во Собранието пред точно еден месец.

Официјалната веб страна на Владата со новото име Република Северна Македонија во текот на вечерта беше тешко достапна поради голем сообраќај. (Фото: Принтскрин од сајтот на Владата)

  • Новото име на државата беше утврдено со Договорот од Преспа, што беше потпишан на 17 јуни во селото Нивици. Освен името Република Северна Македонија, тој предвидува и зачувување на термините македонски јазик и македонски народ.
  • Откако Договорот беше ратификуван во парламентите во Скопје и Атина, Македонија на 6 февруари го потпиша протоколот за пристапување кон НАТО, кој, за да стане полноправна членка, во наредниот период треба да биде усвоен во парламентите на 29-те земји членки. Прва која го направи тоа беше Грција.
  • Првпат користејќи го новото име на државата, Владата вчера соопшти дека Република Македонија станува Република Северна Македонија, откако уставните измени беа објавени во Службен весник.
  • Новите пасоши ќе почнат да се издаваат од крајот на годината, а, во меѓувреме, во пасошите ќе се става печат.
  • Новите регистерски таблички ќе почнат да се издаваат во рок од четири месеци, а до тогаш, на нив ќе се става налепница со ознака NMK.
  • Таблите со новото име на државата од денеска ќе почнат да се поставуваат на граничните премини.
  • Банкнотите ќе се менуваат постепено и се очекува првите нови банкноти да бидат подготвени во почетокот на 2020.