РУСИЈА ОТКРИ НОВИ ОСТРОВИ НА АРКТИК НАСТАНАТИ ПОРАДИ ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ

Москва, (Гардијан)

Руската морнарица објави дека открила пет нови острови на Арктик кои настанале со топењето на глечери. Нејзина експедиција наишла на островите во август и септември.

„Тие сѐ уште не се именувани, а досега биле скриени под глечери. Ова, се разбира, е последица на промените во ситуацијата со мразот. Претходно, тоа беа глечери кои се топат поради промените на температурите“, изјави началникот на северната руска флота, вицеадмиралот Александер Мојсеев.

Тој додаде дека нивната големина се движи меѓу 900 и 54.500 квадратни метри. Во јануари, топењето на глечери во канадскиот дел на Арктик откри земја која била скриена најмалку 40.000 години.

Загубата на арктички глечери во периодот од 2015 до 2019 е поголема од кој било петгодишен период досега, објавија Обединети нации во својот извештај минатиот месец.

Русија во изминатите години отвори неколку воени и научни бази на Арктик, откако порастот на температурите создаде нови бродски маршрути во регионот.