САША БАРОН КОЕН ЌЕ ГИ ПЛАТИ КАЗНИТЕ НА ЧЕСИТЕ КОИ СЕ СОБЛЕКОА КАКО БОРАТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Британскиот актер Саша Барон Коен се понуди да им ги плати казните на шестемина чешки туристи, кои беа уапсени во Казахстан, носејќи го само костимот за капење, што тој го прослави во филмот „Борат“.

Групата беше приведена во моментот кога сакаше да се фотографира во главниот град Астана, при што им беа изречени казни од по 50 фунти.

„Порака до моите чешки пријатели кои беа уапсени. Пратете ми ги вашите податоци и доказ дека тоа сте навистина вие и ќе ви ги платам казните“, напиша Коен на Фејсбук.

Контроверзниот едноделен костим за капење Коен го промовираше во својот хит филм „Борат“ од 2006 година, за кој беше номиниран и за Оскар. Филмот го следи ликот на измислениот казахстански водител Борат Сагдиев, кој оди во САД да прави документарец.

Казахстан го забрани филмот и се закани дека ќе го тужи Коен, но во 2012 година се случи пресврт, кога министерот за надворешни работи јавно му се заблагодари, затоа што придонесол за пораст на туризмот.