Државната изборна комисија ги објави официјалните резултати од локалните избори, што се одржаа во неделата, и со нив само се потврди убедливата победа на коалицијата предводена од СДСМ.
- СДСМ и неговите партнери имаат освоено 415.726 гласови, додека за ВМРО-ДПМНЕ гласаа 335.054 избирачи. Следуваат ДУИ (89.617), Алијанса за Албанците (48.767) и Беса (46.464).
- Во првиот круг, СДСМ победи во 37 општини, вклучувајќи ги Битола, Прилеп, Охрид, Велес и Струмица, додека ВМРО-ДПМНЕ засега има тројца сигурни градоначалници (Илинден, Петровец и Сопиште). ДУИ славеше во Кичево и Пласница, Центар Жупа ќе има градоначалник од редовите на Демократската партија на Турците, додека со Чучер Сандево и со Ранковце ќе раководат независни кандидати.
- Според обработените 97,81% гласови, се очекува Петре Шилегов да победи во првиот круг за градоначалник на Скопје.
- Втор круг од изборите ќе има во 35 општини, вклучувајќи ја и Кисела Вода. Од нив, СДСМ имаше водство во првиот круг во 12 општини, додека ВМРО-ДПМНЕ беше со поголеми шанси во шест општини.
- Само две жени беа избрани за градоначалнички во првиот круг – во Битола и во Арачиново, што по вториот круг би можело да биде случај и со Тетово и Македонска Каменица.
- Излезноста на изборите беше 59,52%, при што имаше и 51.164 неважечки ливчиња.