Каролина Гочева се изненади од веселата публика на нејзиниот концерт во Скопје во неделата на отворено, по повод отварањето новиот трговски центар „Дајмонд мол“.
„Не очекував дека ќе ве има волку многу, и не очекував дека ќе бидете волку весели и распеани“, рече поп-ѕвездата при крајот од концертот. И навистина е реткост во денешно време да се видат толку весели и релаксирани луѓе на едно место, од повеќе генерации. Концерот на Каролина и бендот беше градска журка со среќни луѓе.
Таа ги испеа своите најголеми хитови, од времето на дуетот со Тоше Проески, „Немир“ преку „И ќе биде сѐ во ред“, „Сакај ме“. Нежна и убава е нејзината преработка на хитот на Тоше, „Твојте бакнежи на мојте бели кошули“, која ја пее само во придружба на клавијатуристот и придружните вокали, редовна на репертоарот последниве неколку години.
Има песни на Каролина кои се стари повеќе од 20 години, како „Од нас зависи“, со која ја претставуваше Македонија на „Евровизија“ во Талин во 2002, или „Без оглед на сѐ “ од 2000 година, а сите звучат свежо, исто како да вчера снимени. Кај Каролина како да нема стари или нови песни. Ги сака една генерација, па ги пренесува на друга, некои стануваат хитови од прва, на некои им треба време да се пробијат, но сите остануваат.
„Оваа песна се вика „Капка под небото“. Една од оние кои најмногу ги сакам. Секој од нас во одреден момент се почувствувал како мала капка под небото, во оваа песна и јас се пронаоѓав“, рече Гочева за една од своите најдраги балади.
„Вчера имавме уште една незаборавна вечер под отворено небо, уживав во секоја песна која ја испеавме со хорска придружба на публиката. Сите ја напуштивме бината со полни срца“, ни изјави таа по концертот.
Публиката на крајот гласно го поздрави бендот, по песната „Ајде да летаме“, која во оригинал Каролина ја сними со Пи-Ем-Џи пред 23 години, а потоа како преработка со диџеј Бабура во 2004 година. Денес, таа песна има повеќе преработки, и стана неофицијална скопска клубска химна.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ