„Дедо Мраз е над Сахара“, му одговори Доналд Трамп на еден млад јавувач во Белата куќа, кој се обидувал да дознае кога ќе го добие своето пакетче.
Американскиот претседател и првата дама Меланија Трамп и овој Божиќ беа на директна телефонска линија со деца, помагајќи им да го следат патувањето на Дедо Мраз, за што Трамп подоцна кажа дека му е една од најомилените традиции.
Сепак, во еден момент, тој го доведе во прашање постоењето на Дедо Мраз.
„Дали сѐ уште веруваш во Дедо Мраз?“, го прашал Трамп седумгодишното момче Колман и додал:
„Затоа што, седум години е гранична возраст. Како и да е, ти само уживај“.
Програмата за следење на Дедо Мраз стана божиќна традиција, откако во 1955 година едно дете по грешка се јавило во командата на американската воздушна одбрана и побарало да зборува со него.
Работата на програмата не беше погодена од неодамнешното затворање на владата, бидејќи ја водат волонтери во воздушната база „Питерсон“ во Колорадо.