СЕСТРИ ОД ЧИЛЕ ТРИ ГОДИНИ ОБНОВУВААТ ИЗГОРЕНИ ШУМИ СО ПОМОШ НА НИВНИТЕ КУЧИЊА

Сантјаго, (Би-Би-Си)

Сестрите Франсиска и Констанса Торес и нивните три кучиња веќе три години ги обновуваат шумите во Чиле уништени во пожари. Нивниот доброволен проект, што го спроведуваат во слободно време и без чија било финансиска поддршка, привлече меѓународно внимание поради досетливиот начин на кој го прават тоа. Трите кучиња носат ранци полни со семиња на локални растенија кои се расфрлуваат наоколу додека трчаат низ опожарено подрачје.

Тие го почнале својот проект пред три години по еден од најкатастрофалните шумски пожари во историјата на Чиле.

„Кучињата добиваат многу награди за својата работа, многу љубов и многу вода. Но, за нив, тоа е повеќе излет во природа, отколку работа. Сепак, многу сакаат кога ги наградуваме“, велат сестрите Торес.

Кучињата ги расфрлуваат семињата низ дупчињата во ранецот

Кучињата Оливија, Дас и Самер можат да поминат и 30 километри во еден ден и да расфрлат до десет килограми семиња.

Тие се совршени соработници зашто поседуваат висока интелигенција, енергија и брзина. Тие се дел од нашата фамилија и многу ги сакаме“, додаваат сестрите.

Според чилеанската влада, сушата и претераната сеча играат голема улога во пожарите.

Одамна живееме овдека и ова подрачје порано изгледаше многу поинаку, зашто имаше многу шума и животни. Сега речиси ништо не е останато. Ние не очекуваме да ги обновиме шумите во целост, но продолжуваме со проектот и ќе се обидеме да покриеме што повеќе терен“, велат Франсиска и Констанса.