Шангај ќе ја ограничи својата популација на 25 милиони до 2035 година, со цел да ја спречи „болеста на голем град“, објавија властите на финансискиот центар на Кина.
Градскиот совет вели дека одлуката да се стави контрола врз големината на градот е дел од големиот план за Шангај, што треба да се реализира од 2017 до 2035 година.
„До 2035 година, постојаната популација на Шангај ќе се ограничи на околу 25 милиони, а вкупната површина на градежно земјиште нема да може да надмине 3.200 квадратни километри“, изјавија од Советот.
Според државните медиуми, „болест на голем град“ се појавува кога еден мегаград го погодуваат загадување на животната средина, задушување на сообраќајот и недостиг на јавните услуги, како образование и медицинска нега.
Владата постави слични ограничувања и за Пекинг во септемри, објавувајќи дека популацијата во градот не смее да надмине 23 милиони по 2020 година. Пред три години, Пекинг имаше 21,5 милиони, додека Шангај има постојана бројка од 24,15 милиони жители.