ШТИПСКИОТ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ „МАЛИОТ ПРИНЦ“ ГОДИНАВА МОЖЕШЕ ДА ПРИМИ САМО 50 ДЕЦА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Со претставата „Лакомата меца“ во изведба на Театарот за деца и млади од Скопје, вечерва во Штип ќе заврши тридневниот фестивал „Малиот принц“, во организација на Центарот за култура „Ацо Шопов“.

„Поради пандемијата, годинава моравме да го редуцираме фестивалот на настапи на само три ансамбли од државата. Покрај скопскиот Театар за деца и млади, ги поканивме и Народниот театар ‘Антон Панов’ од Струмица и Народниот театар од Куманово. Исто така, ја ограничивме и публиката, па пред Домот на културата поставивме столчиња само за 50 деца“, вели директорката на Центарот за култура, Ката Мишева.

Уметничкиот раководител Трајче Кацаров потсетува дека фестивалот „Малиот принц“ започна во 2012.

„Добро е што годинава го задржавме статусот на фестивалот и во едни вакви услови на држење дистанца сепак им овозможивме на најмладите кои имаат продолжен летен распуст да ја разбијат секојдневната монотонија“, вели Кацаров.

Т. ЈОВАНОВСКИ