Коачела, еден од најголемите музички фестивали на светот, е одложен поради ширењето на коронавирусот.

Тој требаше да се одржи следниот месец во калифорниската пустина, при што меѓу главните ѕвезди требаше да биде групата „Rage Against The Machine“, која по долги години повторно се собра. Организаторот објави дека фестивалот се одложува за октомври на барање на локалните здравствени власти.

Според последните информации, во САД има над 1.000 заразени и 28 починати и токму во областа Коачела Вели неодамна беше прогласена вонредна здравствена состојба, поради што беше откажан и тенискиот турнир во Индијан Велс.

Коачела минатата година привлече 250.000 луѓе.

Претходно, и „Прл џем“ го откажа американскиот дел од својата светска турнеја, а коронавирусот ги погоди и турнеите на Мадона и Мајли Сајрус.