СИНИША ЕВТИМОВ ГИ ПОЧНА ПРОБИТЕ ЗА ПРЕТСТАВАТА „12“ ВО МНТ, ВО ЕКИПАТА СЕ И ИГОР ЏАМБАЗОВ И ТОНИ МИХАЈЛОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Како најава за новата сезона во Македонскиот народен театар (МНТ) започнаа подготовките за претставата „12“, во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите на драмата „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз.

Приказната следи порота од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги да ги преиспитаат сопствените морални вредности.

Дел од актерската екипа е и Тони Михајловски (Фото: К. Теодоров)

Во претставата игра позната машка актерска екипа: Тони Михајловски, Никола Ристановски, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Владо Јовановски, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сенко Велинов, Ѓорѓи Јолевски, Александар Микиќ, Гораст Цветковски и Благој Веселинов.

Режисер на претставата е Синиша Евтимов (Фото: К. Теодоров)

Асистент на режисерот е Борјан Стојков, костимограф е Александар Ношпал, сценограф и дизајнер на светлото е Мартин Манев, а музиката е на „ПМГ Колектив“. Од МНТ велат дека премиерата е закажана за октомври.

Сезоната 2024/25 МНТ ќе ја започне со отворање на новата летна сцена „Славиша Кајевски“. На 17 септември на летната сцена игра претставата „Црнила“, следниот ден е стендап претставата на Сашко Коцев „Широк дијафазон“, на 19 септември е „Мој термин“, а на 20-ти „Вечера за глупаци“.

Во претставата игра и Игор Џамбазов (Фото: К. Теодоров)