Книжевниот првенец на актерката и професорка Синоличка Трпкова, „Никогаш не кажувам“, вечерва (19 часот) ќе биде промовиран во книжарницата „Литература.мк Суперстор“ во „Сити мол“. Промоторка на книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.
„Никогаш не кажувам“ е куса проза со есеистички поттекст. Во неа се реферира на луѓе од секојдневието, на јавни и обични личности вмрежени во емоционалниот координатен систем на авторката.
„Наидуваме на омажи за Данчо Чеврески и за другарката Соња. Во оваа книга ‘гостуваат’ и Слободан Унковски и Марјан Алчевски, но и мириси, вкусови и одамна починати деца во една болница во Франција“, најавува издавачот.