СО ИЗЛОЖБА НА ЧЕШКИ ФОТОГРАФИ ВО ПРИЛЕП СЕ ЗАТВОРА 20. УМЕТНИЧКА КОЛОНИЈА ВО СЛОЕШТИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп денеска во 19 часот ќе се отвори ретроспективна изложба на документарни фотографии изработени од претставниците на реномираната Либеречка школа за фотографија ЛШФ од Чешка. Оваа изложба ќе биде и завршниот настан од годинашната меѓународна уметничка колонија на центарот за уметност и одржлив развој „Арт поинт Гумно“ од селото Слоештица, Демир Хисар, кој одбележува 20 години постоење.

Деветмина чешки фотографи престојуваат во Слоештица од 8 до 20 август, при што шетаа низ селата од горно-демирхисарскиот регион и преку своите фотографии ја раскажуваат приказната за неисцрпното природно и културно богатство кое исчезнува. Во библиотеката ќе бидат изложени 17 фотографии кои го отсликуваат секојдневието на демирхисарските села, како и платното „Фотографот од Либерец“, што Сергеј Андреевски го наслика во чест на фотографите од Либерец. Изложбата ќе биде отворена до 31 август.