ДВОЈНО ШОУ ВО СИДНЕЈ – ОГНОМЕТ И ГРМОТЕВИЦИ НА ПРЕЧЕКОТ НА 2019

Сиднеј, (АП)

Силен дожд не го наруши новогодишното расположение во Сиднеј, кој традиционално е домаќин на еден од најспектакуларните огномети.

Полицијата процени дека милион луѓе ќе се соберат за да го гледаат огнометот во сиднејското пристаниште, на кое се надоврза и природата, креирајќи свое шоу на небото со десетици молњи.

Бризбејн (Фото: АП)

Точно на полноќ, беа ослободени 100.000 пиротехнички ефекти, придружувано од хитот на неодамна починатата кралица на соул музиката Арета Френклин, „Природна жена“.

Покрај Сиднеј, со огномет во 2019 година влегоа и Мелбурн и Бризбејн, како и главниот град на Нов Зеланд, Окленд, кој го пушти своето шоу од врвот на 328 метри високиот Скај тауер.

Окленд (Фото: АП)

Наспроти славеничката и позитивна атмосфера по големите градови, генералниот секретар на Обединети нации Антонио Гутиереш во својата порака потсети на суровата реалност со којашто светот влегува во новата година.

„Климатските промени претставуваат егзистенцијална закана по Земјата и време е да ја зграпчиме нашата последна најдобра шанса. Но, има причини за надеж, но мора да бидеме сплотени“, кажа Гутиереш.