СРЕДНОШКОЛЦИТЕ И СТУДЕНТИТЕ СО ГОЛЕМ ИНТЕРЕС ЗА ИЗЛОЖБИТЕ ВО МСУ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Средношколци и студенти изминатиов месец во голем број го посетуваат Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје.

Кустосот Бојана Јанева-Шемова од одделот за едукација во Музејот интензивираше вакви кураторски тури, со поддршка од колешката Виолета Савевска и директорката Мира Гаќина. Како што велат тие, целта е новите генерации темелно да се обучат како да ја восприемат уметноста и да добиваат постепена едукација за вистинскиот систем на вредности.

На десет групи ученици од средното училиште СГГУ „Здравко Цветковски“ им беа организирани кураторски тури, а, меѓу другите, Музејот го посетија и над 150 ученици од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ и стотина од гимназијата „Панче Арсовски“.

„Бев поттикната, пред сѐ, од разновидноста на изложбите кои МСУ ги нуди во последно време. Иако бев насочена кон средни училишта и факултети, се понуди и активно кураторско водење за сите групи посетители“, вели Јанева-Шемова.