Средношколците од Тетово и Гостивар рекоа стоп на говорот на омраза преку 25 слики на изложбата поддржана од Отсекот за превенција на Секторот за внатрешни работи Тетово, во соработка со ОБСЕ и тетовската и гостиварската локална самоуправа. Во овој проект беа вклучени средношколци од првите класови од тетовските и гостиварските средни училишта кои посетуваат настава на македонски, албански и турски јазик.
„Целта на проектот беше преку предавања и други форми да им се укаже на младите да го преферираат почитувањето на различностите од возрасна, етничка, социјална, полова, расна и друга природа“, истакна портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Професорката по ликовна уметност и историја на уметност Катерина Филиповска Стефановска, која беше менторка на проектот, истакна дека учениците ја нашле инспирацијата за сликите како на интернет, така и во нашето секојдневие.
„Тие знаат дека говорот на омраза некогаш значи и повишен тон и погрдни зборови. Преку сликите што ги направија тие упатуваат на начинот на кој може да се спречи говорот на омраза“, изјави Филиповска Стефановска.
З. АНДОНОВ