СТАПАЛКИТЕ ОТКРИЕНИ ВО НОВО МЕКСИКО СЕ НАЈСТАРИОТ ДОКАЗ ЗА ЛУЃЕТО ВО АМЕРИКА

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Луѓето стигнале во Америка 7.000 години порано од она што досега се мислеше, велат нови откритија.

Кога континентот првпат бил населен од Азија е контроверзна тема веќе со децении. Многумина истражувачи се скептични околу доказите дека во внатрешноста на Северна Америка имало луѓе и порано од пред 16.000 години.

Тим кој врши истражувања во Ново Мексико открил фосилизирани човечки стапалки стари меѓу 23.000 и 21.000 години, што сугерира дека имало големи миграции за кои досега не се знаело, но и дека овие рани населеници исчезнале.

Стапалките се формирале во мека кал на маргините на плитко езеро (Фото: АП)

Стапалките се формирале во мека кал на маргините на плитко езеро, што денес е дел од националниот парк Вајт Сендс во Ново Мексико. Нивната големина укажува дека биле направени главно од деца и тинејџери кои живееле таму за време на последното ледено доба.

„Знаевме дека се стари, но немавме можност да утврдиме колку додека не пронајдовме семиња над некои од нив“, изјави Дејвид Бастос, менаџер на паркот, кој ги забележал првите стапалки во 2009.

Семињата биле подложени на радиојаглеродно датирање, што на истражувачите им дало неверојатно прецизно време за староста на стапалките.

Досега имаше голем број тврдења за најраните населувања во Америка, но сите биле оспорени на некој начин.