Принцот Хари и Меган Маркл ги замолија сите оние кои сакаат да им испратат свадбени подароци за венчавката на 19 мај да размислат за донација на една од неколкуте одбрани добротворни организации, соопшти палатата Кенсингтон.

Седумте одбрани организации „работат на голем број прашања кои им се исклучително важни на нив двајца“, стои во соопштението на Палатата, а меѓу нив се помош на жените во сиромашни срeдини, ХИВ, бездомништво и животна средина.

„Многу од нив се мали добротворни организации, а двојката е задоволна што може да ја засили светлината на нивната работа”, стои, меѓу другото, во изјавата.

Аманда Вилијамс, претседателка на Детската асоцијација за ХИВ, рече дека е „воодушевена и почестена што нивната асоцијација била меѓу избраните од кралската двојка“.

Пред нивната венчавка во 2011 година, и принцот Вилијам и Кејт Мидлтон, исто така, побараа добротворни донации место свадбени подароци. Јавноста, исто така, ќе може да донира преку посебен веб-сајт.