СТРИП САЛОНОТ ВО ВЕЛЕС НЕ НАЈДЕ 200 ЕВРА ЗА ДА ЈА ДОДЕЛИ ПРВАТА НАГРАДА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)
KODAK Digital Still Camera

Во велешкиот Ликовен салон се отвори изложба на дел од делата кои учествуваа на 17. меѓународен стрип салон „Велес 2019“. Бидејќи не се најдоа средства за првата награда, која изнесуваше 200 евра, таа не се додели, туку само за второ и трето место. На конкурсот пристигнале 175 стрипови од исто толку автори од 41 земја.

„Првата награда не се додели, бидејќи не обезбедивме пари. Аплициравме и до Министерството за култура и до Општина Велес, но не` одбија. Можеби, тоа е и причината што годинава немавме толку многу стрипови на конкурсот како претходните години, кога ги имаше по 300-400 од цел свет“, кажа Ване Трајков, претседател на Македонскиот стрип центар во Велес.

Втората награда ја поделија Кирси Салонен од Финска и коавторите Џеф Дејер и Владимир Кузманов од САД. Третата награда жирито им ја додели на Андромеда Дасар од Албанија и на Навид Булбулија и Исмет Ердиќ од БиХ.

На изложбата се поставени и стрипови од втората стрип колонија, која летоска се одржа во Велес, на која што учествуваа 16 автори од пет земји.

П. ПЕЧКОВ