СТРУМИЧАНИ СПРЕМААТ ОРИГИНАЛНИ И РАЧНО ИЗРАБОТЕНИ МАСКИ ЗА КАРНЕВАЛСКОТО ДЕФИЛЕ НА 1 МАРТ

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Струмичани ги финишираат маските со кои ќе излезат на големото дефиле по струмичките улици в сабота (1 март). Во станови, дуќани, погони и работилници се прават последните детали за маските кои треба да го привлечат вниманието, не само на жирито, туку и на посетителите.

Меѓу учесниците ќе бидат и членовите на групата „Мулен Руж“, кои секоја година учестуваат на карневалот. Тие ја спремаат маската „Мрежа на вистината“ и ќе бидат пајаци кои плетат мрежи. Носат специфична порака на претпазливост бидејќи по ланската маска „Лицемерие“, сега апелираат да се внимава, оти во пајаковите мрежи може секој да се заплете.

Групата „Мулен Руж“ ја прави маската „Мрежа на вистината“ (Фото: В. Трајков)

„‘Мулен Руж‘ и оваа година ќе биде во категоријата од 20 до 30 членови. Во овој состав функционираме пет години и се обидуваме оваа наша традиција да ја пренесеме на помладите и да се шири. Маската ја работевме цел месец, а сега ја финишираме. Работиме секој ден по четири часа. Се обидуваме да донесеме нешто ново. Ќе испратиме порака за пајажината што ја плетеме, независно дали таа е за нас или за некој друг. Сакаме да избегаме од реалноста и да бидеме нешто друго“, вели Анита Станковска од „Мулен Руж“.

Таа со уште неколку жени ги правеа последните детали на маската, додека мажите беа во погон, каде го спремаа возилото, кое ќе биде долго околу шест метри. Таму ќе биде главниот пајак, кој се изработува од метали и текстура.

Митко Тошев со неговиот пајак (Фото: В. Трајков)

„Тоа е груб материјал, но сакаме пајакот лесно да се движи и затоа сме претпазливи. Ги знаеме неговите перформанси дека е брз и стратешки работи. Таков треба да биде и нашиот пајак на возилото“, вели Митко Тошев.

Традицијата на маскирање ја продолжуваат и членовите на групата „Струма“, кои секоја година се наградувани и се на пиедесталот за најдобра маска. Собрани во барака, членовите на оваа група ги правеа последните детали на нивната маска насловена „Фестивал на фенерите“. Тие се група од 50 членови и на големото карневалско дефиле в сабота треба да ја пренесат пораката на љубов и идеален брак, како со костимите, така и со настапот на плоштадот.

„Маската ја работиме два месеца, со оглед дека е голема. Ја изработуваме рачно со сите елементи. Се собираме речиси секоја вечер овде, а за возилото се одговорни мажите. Возилото ќе биде со изненадувачки димензии. Инаку, нашата маска носи порака на љубов. Мотивот е од кинеската митологија, каде што доминира светлината. Под светлината на фенерите тие посакуваат идеален љубовен живот и брак“, вели Добрила Достинова од здружението „Струма“.

Традицијата на маскирање ја продолжуваат и членовите на групата „Струма“ (Фото: В. Трајков)

Главното карневалско дефиле ќе биде в сабота. Ќе учествуваат 35 маски од земјава и странство, од кои 11 ќе бидат од Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија. Дури 17 групни маски ќе бидат од училишта од Струмица, Куманово, Пробиштип и Кратово. За жал, од година во година има сѐ помалку групни маски од граѓани организирани во здруженија. Годинава ќе ги има само шест и само една поединечна маска.

Синоќа во Струмица почнаа седумдневните карневалски свечености. Симболично, локалните власти го предадоа клучот на градот на карневалистите, кои цела недела ќе бидат „главни“ во организирањето на сите настани поврзани со оваа манифестација.

В. ТРАЈКОВ