Ниските температури што ја погодија Европа во изминатите денови не донесоа само снег, туку и замрзнаа многу езера и канали. За многумина, тоа беше добредојдено бегство од секојдневните рестрикции поради коронавирусот, па ги извадија своите санки и лизгалки за малку зимска забава.
Властите сепак ги советуваа луѓето да останат дома и да не придонесуваат за ширењето на заразата. Тие исто така предупредија на опасностите од лизгањето на тенок мраз, откако викендов имаше неколку такви инциденти во Германија.
Весникот „Билд“ објави дека 2.500 луѓе се собрале на замрзнатиот канал Ландвер во Берлин на неодобрена техно забава со диџеј, пред да биде прекината од полицијата. Таа дури користеше хеликоптер за да ги брка шетачите од две други езера во главниот град.
И каналите низ Холандија замрзнаа за првпат од 2018 година, што многумина го искористија за да полизгаат малку. Во земјата се играше и хокеј на замрзнати води.
„Ве молам, не паѓајте, па да мора да одите во болница. И онака имаат доволно работа таму“, изјави холандскиот премиер Марк Руте.