СТУДЕНТИ ОД МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ВО СТУДИСКА ПОСЕТА НА АРХЕОЛОШКИТЕ ЛОКАЛИТЕТИ ВО ДРЖАВАВА

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Студенти од Македонија и Грција од 12 до 22 септември посетија бројни археолошки локалитети и културни добра во државава во рамките на студиската посета ,,Пристапи во управувањето и конзервацијата на културното наследство“, во организација на ИКОМОС Македонија, а со финансиска поддршка од амбасадата на САД во Скопје.

Со програмата беа опфатени културни добра кои се конзервирани со финансиска помош од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство (АФЦП) на Стејт департментот, со посебен фокус на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола.

Учесниците имаа прилика да научат повеќе за конзерваторскиот проект кој се одвива на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, да видат примери од македонската рурална архитектура во селото Маловиште и да чекорат по историската патека од Првата светска војна во националниот парк Пелистер. При посетата на археолошкиот локалитет Стоби, учесниците можеа да слушнат за конзерваторските проекти кои се реализирале со помош на АФЦП, додека во Скопје имаа стручни тури во Археолошкиот музеј и чаршијата. Ги посетија и Шарената џамија и Уметничката галерија во Тетово, обете конзервирани со финансиска помош од АФЦП. Последните денови од студиската посета учесниците се восхитуваа на богатото културно и природно наследство во Охридскиот Регион“, велат од ИКОМОС Македонија.

Оваа студиска посета се реализираше и во соработка со Завод и Музеј Битола, Завод и Музеј Охрид, НУ Стоби, Археолошки музеј во Скопје и Конзерваторски центар во Скопје.

С. ВРЕНЦОВСКА