СВЕТОТ ГО ЧЕКА НАЈДОЛГОТО ПОМРАЧУВАЊЕ НА МЕСЕЧИНАТА ВО 21. ВЕК, ЌЕ СЕ НАБЉУДУВА И ВО МАКЕДОНИЈА

Скопје, (Гардијан)

Луѓето низ целиот свет вечерва ќе се молат за ведро небо, во очекување на најдолгото целосно помрачување на Месечината во 21. век. Природниот феномен познат под името „крвава месечина“ ќе трае еден час и 43 минути и ќе може да се набљудува во најголемиот дел од светот, вклучувајќи ја и Македонија.

Скопското астрономско друштво ќе постави телескопи на плоштад Македонија, за да можат граѓаните да посведочат на овој исклучителен настан. Се очекува целосното помрачување да биде видливо од 22 часот.

Помрачувањето ќе може да се види од Европа, Блиски Исток, Африка, Австралија и од поголемиот дел на Азија и Јужна Америка. Овојпат, ќе го пропуштат само Северна Америка и Гренланд.

Истата ноќ, но и во наредните денови, Марс ќе биде во најблиската точка до сонцето од 2003 година и кога небото е чисто, ќе може да се види како светла сјајна ѕвезда.

„Крвава месечина“ е името што му се дава на земјиниот сателит за време на помрачувањето. Се случува кога Земјата поминува меѓу сонцето и Месечината, при што фрла сенка врз неа. Месечината притоа не се затемнува како сонцето, туку добива црвено-кафеава боја.

Помрачувањето на Месечината е помалку вообичаено од соларното и се случува најмногу три пати годишно (во некои години ниеднаш). Ова ќе биде исклучително долго, само четири минути пократко од теоретскиот лимит од еден час и 47 минути, бидејќи Месечината ќе поминува низ центарот на земјината сенка.