Сашко Коцев на едноставен, многу духовит и забавен начин и многу точно го доловува нашето секојдневие и нѐ опишува како народ во стендапот „Широк дијафазон“. Коцев ја играше втората претстава во Македонскиот народен театар (МНТ) сношти, а следната е закажана за 13 декември.
Во речиси секоја приказна е вметната и негова лична. Раскажувајќи за докторскиот јазик наспроти неговиот кафеански, вели дека живее со докторка и се навикнал и наједноставните термини да ги слуша на латински.
Коцев нѐ враќа и во постаро време кога немало мобилни телефони и го поставува прашањето: Зошто ли фиксните телефони порано стоеја во ходник, покриени со милје? Наспроти ова, ѝ дава на публиката момент да го слика за инстаграм приказна, имитирајќи ги трендовските пози за сликање во денешно време.
Стендапот кој трае неполни два часа го развесели и до солзи го насмеа полниот театар, како што се очекува од Коцев поради неговата умешност и секогаш актуелните теми, но можеби и поради тоа што речиси и да не зборува за политика. Актерот точно оценил дека на луѓето им е здодеано од исти муабети каде и да се свртиш, па ни донесе една убава ведрина со многу други теми.
Сепак, тој накусо го прокоментира и хаосот со вадењето лични документи:
„Светските криминалци извадија пасоши, ние не можеме. Брзата постапка за вадење пасош трае четири години“.
На крајот, во темата наречена „Само кај нас“, Коцев на многу едноставен, но ефектен начин порачува да станеме подобри луѓе.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ