ТЕЛОТО И ТЕЛЕСНОСТА СЕ ВО ФОКУСОТ НА СЕДМОТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „ПРВО ПА ЖЕНСКО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седмото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ се отвора денеска во Младински културен центар во Скопје и во наредните четири дена ќе понуди разноразни содржини обединети околу темата „Ова тело кое не е едно“.

„Телото отсекогаш било место на контрола, отпор, дисциплина, непослушност и простор каде се вежбале и истражувале родовите улоги. Промислувањата за телото и телесноста се потпорните точки на годинашниот ‘Прво па женско‘“, се вели во најавата на фестивалот.

Богатата програма на фестивалот опфаќа дискусии, перформанси, изложби, претстави, филмски проекции и концерти, при што како главна ѕвезда е најавена младата австриска пејачка Мави Феникс, а за затворањето в недела е предвидено дрег шоу на Швеѓанецот Борис Геј. Сите настани ќе се одвиваат во рамките на МКЦ.

Фестивалот е поддржан од Министерството за здравство, Град Скопје, амбасадите на Холандија и Шведска и од фондацијата „Фрида“.