ТРИ ИНСТРУМЕНТИ ЌЕ СВИРИ МУХАМЕД ИБРАИМИ НА КОНЦЕРТОТ ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА НА 6 НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
На 6 ноември, во камерната сала на Филхармонијата, концерт ќе одржи музичарот Мухамед Ибраими. Неговите композиции се мешавина на повеќе музички стилови: блуз, рок, ориентална музика и балкански фолклор.
Ибраими е мултиинструменталист, а на концертот ќе свири на три жичани инструменти: гитара, мандолина и саз. Гости ќе бидат пејачката Агни Авшар, Ратко Даутовски на удирачки инструменти и пијанистот Бобан Мирковски.

Мухамед Ибрахими беше гитарист во групата „Бла бла бла“, а многумина го познаваат и како музичар кој практикува соработки со различни уметници. Има издадено два албума.

„Особено сме среќни што соработуваме со еден извонреден музичар и одличен професионалец каков што е Мухамед. Нашата стратегија како агенција е да се посветиме на негувањето на домашните автори и музика. Годинава нѐ очекуваат одлични соработки и уште подобри концерти“, кажаа од „Баги комуникации“, организаторите на концертот.