ТРИ МИЛИЈАРДИ ЖИВОТНИ НАСТРАДАЛЕ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ПОЖАРИ ВО АВСТРАЛИЈА

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Речиси три милијарди животни умреле, биле повредени или раселени во катастрофалните пожари во Австралија во изминатата година, велат научниците.

„Ова значи дека ова е едно од најголемите уништувања на дивиот свет во модерната историја“, соопшти Светскиот фонд за природа.

Пожарите ги зафатија сите сојузни држави во Австралија, при што однесоа и 33 човечки животи. Врвот на кризата беше во јануари, кога, според научниците, загинале 1,25 милијарди животни само во Нов Јужен Велс и Викторија. Новите проценки земаат предвид многу пошироко подрачје. Околу 11,46 милиони хектари, што може да се спореди со големината на Англија, изгореле во периодот од септември до февруари.

„Ова се огромни бројки, нешто што тешко може да се замисли. Точниот трагичен биланс сѐ уште не е утврден. Да не заборавиме дека оние кои ги преживеале пожарите потоа се мачеле да најдат храна и скривалиште“, вели професорот Крис Дикмен, кој го надгледуваше проектот на десет универзитети од Австралија.

Во февруари, австралиската влада идентификуваше 113 животински видови на кои им треба итна помош по пожарите. Речиси сите тие изгубиле 30% од своите живеалишта.