Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Реализам наспроти апстракција“ на кавадаречките уметници Киро Јосифов, Горан Боев и Лазар Дојчинов. Тројцата академски сликари ѝ се добро познати на публиката, создавајќи дела секој во свој ликовен свет.
„Ова се тројца уметници кои работат долги години и имаат богат ликовен опус. Секој работи во свој свет на ликовно изразување и користат различни техники. Нив ги спојува кавадаречката нишка, тамошната традиција на боемски живот. Тоа се рефлектира во нивните дела, иако имаат свој сопствен правец. Ова нивно претставување е сублимат на творештвото создавано во последните две години“, кажа промоторката Цветанка Тодоровска од Музејот на Демир Капија.
На изложбата се претставени 41 дело. Тематиката е Тиквешијата, винова лоза и нејзини производи.
Во 2021, тројцата автори го формираа здружението „Роднокрајци“ за да ги промовираат културата, културното наследство, уметноста и традицијата на Кавадарци, но и ликовната уметност.
П. ПЕЧКОВ